Премини на содржината

Државни институции и граѓански организации на заедничка маса за системско справување со дискриминацијата и говорот на омраза кон ЛГБТИ луѓето

Во организација на скопскиот КВИР ЦЕНТАР во петокот, на 23-ти декември, во хотел „Солун“ во Скопје, се одржа тркалезна маса на темата „Системско справување со дискриминацијата и говорот на омраза кон ЛГБТИ луѓето“.

Тркалезната маса имаше за цел да создаде простор за дискусија за тековните предизвици и проблеми во системското справување со дискриминацијата и говорот на омраза кон ЛГБТИ луѓето кои се детектирани од страна на надлежните државни институции, граѓанските организации, и самите припадници на заедницата на сексуални и родови малцинства.

На настанот беа презентирани и наодите од работата на центарот во врска со досега поднесените претставки за дискриминација и кривични пријави за говор на омраза кон ЛГБТИ луѓето во Северна Македонија.

Според наодите на скопскиот КВИР ЦЕНТАР, ЛГБТИ луѓето во Северна Македонија се исклучително засегнати од дискриминација.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација од мај 2021 г. до септември 2022 г. утврди 26 случаи на дискриминација, како и инструкции за дискриминација во коишто е наведено повикување, поттикнување и ширење на дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет.

За разлика од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, органите на прогонот како Основното јавно обвинителство и Министерството за внатрешни работи потфрлаат во препознавањето на дискриминацијата и говорот на омраза насочени кон припадниците на ЛГБТИ заедницата.

Скопскиот КВИР ЦЕНТАР од мај 2021 г. до септември 2022 г. има поднесено 64 кривични пријави до ОЈО и 16 кривични пријави до МВР. Пет кривични пријави беа отфрлени од страна на ОЈО, а за 20 кривични пријави добивме известување дека нема место за јавнообвинителско постапување. Од МВР, пак, нема одговор на ниедна од поднесените кривични пријави.

„Оваа традиција на неказнување на говорот на омраза само го нормализира, потхранува и охрабрува таквото криминално однесување. Наша цел е преку претставки и кривични пријави да ги тестираме и стимулираме надлежните институции на системот да ги заштитат ЛГБТИ граѓаните што се жртви на дискриминација и криминал од омраза. Одговорност на државата е да демонстрира решителност и да испрати јасна и недвосмислена порака дека таквите појави се неприфатливи и немаат место во едно современо и демократско општество сочинето од различности, а тоа најефикасно може да го направи и воедно да дејствува превентивно само доколку се воспостави практика на соодветно санкционирање на сторителите на овие дела“, смета Мартин Тасевски, правен советник во скопскиот КВИР ЦЕНТАР.

„Ефектите на продолжената дискриминација и континуираната изложеност на говор на омраза и насилство кон оваа ранлива и маргинализирана група имаат далекусежни, а понекогаш и трагични, последици врз менталното и физичкото здравје на ЛГБТИ луѓето. Надлежните органи треба да знаат подобро и без одложување треба да ги преземат сите расположливи мерки и конкретни активности во насока на заштита на благосостојбата на овие нивни сограѓани. Важно е да не заборавиме дека законите не се издлабени во камен, туку служат за да одговорат на потребите на граѓаните во едно општество. А, бидејќи ова општество мора да престане да ги третира ЛГБТИ луѓето како невидливи, мора и да ги прилагоди законите во однос на потребите на оваа група граѓани, кои придонесуваат во системот еднакво со останатите, но, не ги уживаат истите права“, додаде Давид Тасевски, извршен директор на скопскиот КВИР ЦЕНТАР и психолог.

Од дискусијата е предвидено да се креираат соодветни препораки и заклучоци поврзани со унапредувањето на заштитата и остварувањето на правото на еднаков третман и недискриминација на ЛГБТИ луѓето, како и со потребата од експлицитна регулација на говорот на омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет во Северна Македонија.

На тркалезната маса зедоа учество претставници од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Собранието на РСМ, МВР, ОЈО, Советот за етика во медиумите на Македонија и други, како и граѓанските организации кои ги застапуваат сексуалните и родовите малцинства.

Настанот се организираше во рамките на проектот „Промоција на еднаквоста и недискриминацијата на локално ниво со поддршка на жртвите од дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет“ со финансиска поддршка од Општина Карпош, а во врска со програмската активност „Промоција и унапредување на еднаквоста и превенција од дискриминација“ од Програмата за активностите на Општина Карпош во областа на еднаквите можности меѓу жените и мажите за 2022 година.

Сподели на...