Премини на содржината

Алармантниот пораст на трансфобичен говор во Европа предизвикува загриженост во пресрет на изборите во ЕУ

Во пресрет на изборите во ЕУ кои ќе се одржат во јуни, новиот извештај на ИЛГА-Европа покажува сериозен пораст на анти-ЛГБТИ и, особено, трансфобични изјави од политичари ширум континентот.

Тринаесеттиот годишен извештај за ситуацијата со човековите права на ЛГБТИ луѓето во Европа и Централна Азија, објавен на 29 февруари, посочува и алармира на говорот на омраза забележан од политичари во 32 европски држави во текот на минатата година, 19 од нив земји-членки на ЕУ.

Се случи јасна акумулација на говор на омраза кон ЛГБТИ заедницата кој доаѓа од страна на функционери, а поголемиот дел насочен кон трансродовите лица, вклучително и во земји-членки на ЕУ: Австрија, Бугарија, Хрватска, Кипар, Чешка, Данска, Германија, Грција, Унгарија, Ирска, Италија, Латвија, Луксембург, Холандија, Романија, Португалија, Словачка, Шпанија и Шведска.

Повеќето изјави против трансродовите лица ги инструментализираат децата, користејќи тактики на заплашување за да креираат отпор кон пристапот до здравствена нега за трансродовите малолетници и рестрикции во образованието. Забележуваме глобален тренд во користење на децата, а политичарите ширум Европа тврдат дека ограничувањето на пристапот до информации во врска со ЛГБТИ луѓето превенира нанесување штети на малолетниците.

Извештајот јасно покажува дека демонизацијата од политичарите, во комбинација со обидите за воведување пропратни закони, влијае на стапката на самоубиства и на менталното здравје, особено за младите ЛГБТИ луѓе, и доведува до ескалација на насилните протести пред училиштата и библиотеките, што прави младите луѓе да се чувствуваат небезбедно.

Ова ширење на страв исто така директно доведе до натамошен пораст во нападите врз ЛГБТИ луѓето. Од 54 држави кои известуваат во извештајот, само шест од нив известиле дека немаат евидентирано злосторства од омраза во 2023 година. Во другите 48 земји, трансродовите лица биле мета на поголемиот дел од нотираното вербално и физичко насилство. Само една земја-членка на ЕУ известила дека нема евидентирано злосторства од омраза.

„Во ваква клима ќе се одржат изборите за Европскиот парламент следниот јуни. Јавниот дискурс станува сѐ повеќе поларизиран и насилен, посебно кон трансродовите лица, а ЛГБТИ заедницата го доживеа најголемото и најтешкото насилство во Европа во последните децении“, вели директорката за застапување на најголемата ЛГБТИ чадор-организација ИЛГА-Европа, Катрин Хугендубел.

„Самите темелни вредности и стандарди врз кои е основана Европската Унија – почитувањето на човековото достоинство и човековите права, слободата, демократијата, еднаквоста и владеењето на правото – се доведуваат во прашање, а човековите права, особено човековите права на ЛГБТИ луѓето, се соочуваат со силен отпор од екстремнодесничарските сили. Противењето за правата на ЛГБТИ луѓето и нивната дехуманизација сѐ повеќе се експлоатираат за да се предизвикаат поделби во општествата, да се поткопаат демократијата, владеењето на правото и човековите права“, додава таа.

Следната недела ИЛГА-Европа ќе ја лансира нивната кампања „Come Out 4 Europe“, која ќе им даде можност на кандидатите за Европскиот парламент да покажат како ќе ги поддржат и заштитат правата на ЛГБТИ луѓето како избрани пратеници во Европскиот парламент.

„ЛГБТИ правата се под напад, а во тој процес им се наштетува на децата. Со оглед на тоа дека сведочиме на пораст на политичките сили кои ги преиспитуваат основните фундаментални права и слободи, изборите во јуни ќе бидат клучен момент за Европската Унија и за ЛГБТИ луѓето. Имајќи ги предвид наодите во годишниот извештај, нашата кампања „Come Out 4 Europe“ ќе ги повика кандидатите за Европскиот парламент да дадат јасни политички заложби за заштита на човековите права, демократијата и слободата“, вели Чабер, извршниот директор на ИЛГА-Европа.

Сподели на...