Премини на содржината

Прва осудителна пресуда во Македонија за дискриминација кон ЛГБТИ+ заедницата

Основниот суд во Битола постапувајќи по тужбата на тужителот Здружение за сексуални и родови малцинства КВИР ЦЕНТАР Скопје против тужената Д.С. од Битола за утврдување на повеќекратна и продолжена дискриминација, на 16 јуни 2023 година донесе пресуда со која се утврдува дека тужената Д.С. го повредила правото на еднакво постапување кон ЛГБТИ+ заедницата на начин што извршила потежок облик на дискриминација изразувајќи повеќекратна, продолжена, како и повторена дискриминација и вознемирување со објава на текстови на социјалната мрежа Фејсбук.

Во тужбата наведовме дека тужената во временски период од една година – од јуни 2021 година до јуни 2022 година – извршила повеќекратни временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на истородно дело, користејќи исти прилики и слични околности на начин што преку компјутерски систем со објава на текстуална содржина од приватен профил на социјалната мрежа Фејсбук ширела расистички и ксенофобичен пишан материјал којшто промовира омраза кон ЛГБТИ+ заедницата, а текстот предизвика коментари, лајкови и споделувања меѓу други корисници на социјалната мрежа со што дополнително се поттикна омраза кон ЛГБТИ+ заедницата.

Пред поднесување тужба, Квир Центар поднесе претставки пред Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, по што комисијата утврди продолжено и повеќекратно вознемирување врз основа на родов идентитет, сексуална ориентација и припадност на маргинализирана група сторено од тужената поради пишување на текстови со вознемирувачка содржина кон ЛГБТИ+ луѓето, и ја задолжи тужената да ги отстрани спорните текстови, јавно да се извини за напишаните текстови и во иднина да се воздржува од коментари што поттикнуваат говор на омраза кон ЛГБТИ+ заедницата. Тужената не постапи по препораките на комисијата во предвидениот законски рок од 30 дена од денот на приемот на мислењето од комисијата, по што Квир Центар поднесе тужба против неа.

Во меѓувреме, пред донесување на пресудата, тужената јавно се извинила во телевизиска емисија на ТВ АЛФА и ги избришала предметните објави од социјалната мрежа Фејсбук, па судот врз основа на презентираните докази и мислењата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација по поднесените претставки, уште еднаш ја констатираше дискриминацијата сторена од тужената.

Оваа пресуда е прва осудителна пресуда во Македонија за дискриминација кон ЛГБТИ+ заедницата по донесувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација, со кој експлицитно се забранува дискриминација врз која било дискриминаторска основа, вклучително врз основа на сексуална ориентација, родов идентитет и припадност на маргинализирана група.

Квир Центар смета дека оваа пресуда е важен успех во областа на справување со дискриминацијата, особено кога станува збор за дискриминација кон оваа и онака ранлива и маргинализирана група. Инаку, овој добиен предмет е еден од неколку судски предмети што ги водиме и се надеваме ќе послужи како позитивен пример и ќе придонесе за побрзо разрешување на останатите случаи.

Сподели на...